Триесет и пет француски државјани беа убиени во нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на француското Министерство за надворешни работи. Девет француски државјани се уште се водат како исчезнати, а некои од нив се заложници на Хамас, додаде Министерството.
Во исто време, париската префектура денеска соопшти дека забранува демонстрации во сабота во Париз за поддршка на Палестинците, пренесе Франс прес.
Според префектот на Париз, Лоран Њунес, демонстрациите биле забранети бидејќи биле планирани како поворка низ париските улици, а не како митинг на одредена локација, што доведувало до многу ризици. Тој додаде дека организациите кои го поднеле барањето за одржување на овој настан може со свои зборови да сугерираат дека ги поддржуваат акциите на „Хамас“.
Барањето за демонстрации го упати здружението „Collectif Urgence Palestine“ (Collectif Urgence Palestine), кое обединува повеќе синдикати, политички и други организации.
Францускиот државен совет на 18 октомври ја потсети владата дека пропалестинските демонстрации не можат систематски да се забранат и дека префектите се тие кои мора да проценат дали демонстрациите може да претставуваат ризик за јавниот ред или не и да донесат одлука.
Минатата недела на Плоштадот на Републиката во Париз се одржаа пропалестински демонстрации, на кои, според обвинителството, учествувале 15.000 луѓе. Полицијата приведе 10 лица поради антисемитски говор или гребење на статуата на Републиката во центарот на плоштадот.
Во Париз денеска претставници на еврејската заедница во Франција поставија 30 празни колички во областа на Ајфеловата кула, јави Франс прес.
Тие ги симболизираат бебињата, децата или тинејџерите киднапирани од Хамас во Газа по нападот на 7 октомври. Иницијативата е на Советот на еврејските институции во Франција, кој преку оваа инсталација упатува повик за ослободување на децата кои ги држи „Хамас“ како заложници.
Слични акции беа организирани и во Ница и Марсеј.
Секоја количка има слика од дете земено како заложник, а на неа се напишани и неговото име и возраст.
„Франција има различни средства за интервенција, има привилегирани односи со Катар, со Египет, и со Турција, што може да има влијание врз Хамас“, нагласи Џонатан Арфи, претседател на организацијата – иницијатор на настанот.