Првиот хрватски сателит CroCube беше претставен на загрепскиот саем, а во февруари треба да биде лансиран во орбитата од Калифорнија со ракетата Фалкон 9 на Илона Маска, објави Хрватската радиотелевизија.
CroCube е наносателит во форма на црвено-бела хрватска шаховска коцка, тежи околу 1,1 килограм и димензии 10x10x10 сантиметри.
Првиот хрватски сателит ќе има две камери и два радио предаватели, а ќе ја фотографира површината на Земјата од височина од 550 километри.
Тој ќе може да ја фотографира Хрватска три пати на ден по приближно 12 минути.
За време на мисијата, на официјалната веб-страница ќе може да се следи состојбата и движењето на сателитот.
Ќе има интегрирана micro SD картичка со имиња и презимиња на донатори и фотографии на заинтересирани граѓани и посебна табличка со изгравирани имиња на најголемите спонзори.
CroCube на крајот ќе биде влечен од гравитацијата на Земјата и целосно ќе изгори во атмосферата без остатоци.
Шефот на мисијата Даниела Јовиќ изјави дека денес е историски момент за Хрватска и нејзината иднина во вселената, пренесува хрватскиот портал Индекс.
„CroCube е нешто повеќе од сателит и кога ќе го погледнеме, не можеме а да не почувствуваме гордост и возбуда“, рече таа, додавајќи дека CroCube претставува огромен чекор напред во областа на вселенската технологија.