Екстремистите на Хамас доцна синоќа ослободија 17 заложници, меѓу кои 13 Израелци, од заробеништво во Појасот Газа, а Израел ослободи 39 палестински затвореници во втората фаза од четиридневниот прекин на огнот.
Ослободувањето на заложниците вчера попладне беше одложено неколку часа откако Хамас го обвини Израел дека го прекршил договорот.
Заложниците, меѓу кои и четворица Тајланѓани, беа ослободени пред полноќ. Израелците биле предадени во Египет, а потоа пренесени во израелските болници каде ги чекале нивните роднини.
Хамас објави видео на кое се гледа како заложниците се потресени, но главно во добра физичка состојба додека маскирани екстремисти ги водат до возило на Црвениот крст. Некои од нив мавтаа додека заминуваа, пренесе АП.
Ослободени се седум деца и шест жени, соопшти кабинетот на Нетанјаху. Повеќето од ослободените беа од Кибуц Бери, кој беше нападнат од екстремистите на Хамас во прекугранични напади на 7 октомври.
Сите ослободени заложници се од семејства каде што најмалку еден член е убиен или се уште е во заробеништво во Газа.
Доцнењето на размената ја покажа чувствителноста на првото примирје во војната што го шокираше Израел и предизвика широко распространето уништување во Појасот Газа и се заканува да доведе до конфликт низ целиот регион.
Договорот за прекин на огнот, врз основа на кој Хамас треба да ослободи најмалку 50 израелски заложници, а Израел 150 палестински затвореници, беше со посредство на Катар, САД и Египет. За два дена беа ослободени 26 Израелци, 14 Тајланѓани и еден Филипинец во замена за 78 палестински затвореници.
Израел најави дека примирјето може да се продолжи за еден ден на секои десет дополнителни заложници ослободени, но се закани дека брзо ќе ја продолжи офанзивата и ќе ги исполни целите за враќање на сите заложници и уништување на воените капацитети на Хамас.
Илјадници луѓе се собраа синоќа во Тел Авив во знак на солидарност со заложниците и нивните семејства. Многумина го обвинуваат премиерот Бенјамин Нетанјаху дека не направил доволно за враќање на сите затвореници.
Ослободувањето на 26 заложници за два дена предизвика радост, но и гнев кај оние кои останаа во заробеништво.
Кабинетот на Нетанјаху рано утринава соопшти дека добил нов список на заложници кои ќе бидат ослободени подоцна денеска, на третиот ден од размената на палестинските затвореници.
На окупираниот Западен Брег стотици луѓе славеа втора ноќ по ред кога пристигна автобус со палестински затвореници.
Врз основа на договорот малолетните мажи и жени се пуштени на слобода.
Ослободените беа носени на грбот на Палестинците кои ги пречекаа во градот Ал Бирех.
Некои палестински затвореници беа ослободени во Источен Ерусалим, каде што израелските војници ги избркаа новинарите собрани околу домот на Исра Џабрис, кој е приведен од 2015 година за бомбашкиот напад во кој беше ранет полицаец.
На северот од Појасот Газа, во фокусот на израелската офанзива, жителите излегоа на улиците, а некои со раце ископаа таму каде што беа нивните домови.
ОН соопштија дека паузата овозможила да се зголемат испораките на храна, вода и лекови. Се испорачуваат околу 130.000 литри гориво, што е само десет проценти од дневната испорака пред војната.
За прв пат за нешто повеќе од еден месец, во саботата пристигна помош на северот на Појасот Газа, 61 камион.
Покрај тоа, 40 пациенти и членови на семејството беа евакуирани од болница во главниот град на Газа во болница во Кан Јунис на југ.
Според ОН, повеќе од половина од становите во Газа се оштетени или уништени, а 1,7 милиони луѓе од вкупно 2,4 се раселени, пренесува агенцијата Франс прес.
Според податоците на израелските власти, во Израел загинале над 1.200 луѓе, повеќето цивили, главно на првиот ден од војната, а 240 заложници биле однесени во Газа.
Израел потоа се закани дека ќе го елиминира Хамас и континуирано ја бомбардира Газа, а подоцна започна копнена офанзива. Речиси 15.000 луѓе загинаа, вклучително и околу 6.000 деца.