Ракетата Фалкон 9 на SpaceX, која го носеше првиот јужнокорејски шпионски сателит, полета од Калифорнија, покажуваат снимките во живо од американската вселенска компанија, помалку од две недели откако Северна Кореја го лансираше својот прв воен извидувачки сателит.
Доколку е успешно поставен во орбитата, јужнокорејскиот сателит треба да ги следи активностите на Северна Кореја, земја со нуклеарно оружје.
Ракетата Фалкон 9 полета од базата Вандернберг во Калифорнија во 10:19 часот по локално време (19:19 часот по средноевропско време).
Мисијата носеше и други сателити од различни клиенти. SpaceX го прекина преносот во живо веднаш по лансирањето.
Јужна Кореја планира да лансира уште четири сателити до крајот на 2025 година според договорот со SpaceX, со цел да ги зајакне своите способности.
Овој сателит треба да биде поставен во земјината орбита и ќе може да детектира објект со големина од 30 сантиметри, пренесува јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
„Во однос на нејзината резолуција и капацитетот за набљудување на Земјата… нашата сателитска технологија е меѓу првите пет во светот“, рече претставник на јужнокорејското Министерство за одбрана, според Јонхап.
Досега, Јужна Кореја се потпираше на американските сателити за извидување за да ги надгледува активностите на Пјонгјанг, изјави за AFP професорот од Универзитетот Санџи, Чои Гил-ил.
Тој додаде дека Јужна Кореја веќе успешно лансирала воен комуникациски сателит, но и требало многу подолго за извидувачки сателит поради поголемите технолошки предизвици.
Но, по успешното лансирање на севернокорејскиот извидувачки сателит, и јужнокорејската влада мора да покаже дека може да го направи тоа, додаде професорот.
Северна Кореја го лансираше сателитот Малихгеонг-1 минатата недела, а Пјонгјанг вели дека можел да ги набљудува клучните локации во САД и Јужна Кореја. Сепак, таа не објави ниту една слика од сателитот.
Тоа беше трет обид на Северна Кореја да испрати воен сателит за надзор во орбитата, по двата неуспешни обиди во мај и август.
Сеул тврди дека Русија технички и помогнала на Северна Кореја во таа операција.
Лансирањето на сателитот на Северна Кореја го осудија Западот, Јапонија и Јужна Кореја, како и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.