Рускиот опозиционер Алексеј Навални со нова објава за тешките услови во затворот каде што беше префрлен на крајот на декември. Сместено е во Сибир, надвор од Арктичкиот круг, 1900 километри од Москва.
Во објава на Телеграм, опозиционерот се пошегува дека температурите се уште не се спуштиле под минус 32 степени и дека ништо не ве развеселува како прошетка на студ во 6 часот и 30 минути наутро.
Навални пишува и дека веднаш по сместувањето во новиот затвор бил ставен во самица, но не објаснува зошто.
Тој е еден од најжестоките критичари на Кремљ. Откако бил лекуван од труењето со Новичок во Германија, тој се вратил во Москва и веднаш бил уапсен.
Судот го прогласи опозицискиот лидер за виновен за обвиненијата за екстремизам поврзани со неговата Фондација за борба против корупцијата.