Доналд Трамп нема претседателски имунитет и може да му се суди под обвинение за заговор за поништување на изборите во 2020 година, одлучи американскиот суд.
Трамп во историскиот правен случај тврди дека е имун од кривични пријави за дела за кои вели дека спаѓаат во неговите претседателски должности, јавува Би-Би-Си.
Сепак, денешната пресуда на судот во Вашингтон го поби ова тврдење.
Тоа е удар за Трамп, кој со години се повикува на претседателски имунитет во бројни случаи.
Се очекува поранешниот американски претседател да поднесе жалба на пресудата, што значи дека случајот на крајот може да заврши во Врховниот суд, каде републиканците имаат мнозинство од шест спрема тројца.
Американскиот специјален советник Џек Смит го обвини Трамп (77) за заговор да ја поништи победата на актуелниот американски претседател Џозеф Бајден на изборите во 2020 година и дека извршил измама за да остане на власт.
Судењето за овој случај првично беше закажано за 4 март, но беше одложено во очекување на пресудата за случајот за имунитетот на Трамп.
Може да се одложи со недели, ако не и месеци, доколку случајот заврши пред Врховниот суд.
Претходно овој месец, комисија од судии го разгледуваше случајот во Апелациониот суд во Вашингтон.
Адвокатот на Трамп се повика на идејата дека претседател кој не бил отповикан од Конгресот не може да биде предмет на кривична постапка. Трамп, посочи тој, беше отповикан од Претставничкиот дом, но никогаш не беше осуден од Сенатот.
Судиите, сепак, ги изразија своите сомнежи.
Судијката Флоренс Пен истакна дека со имунитет претседателот може да продава државни тајни или да нареди атентат на политички противник без да се грижи за кривично гонење.