Поранешниот чилеански претседател Себастијан Пинера почина од задушување поради давење кога хеликоптерот со кој управувал во вторникот се урна во езеро во јужниот дел на Чиле, соопштија денеска локалните обвинители.
Локалниот обвинител Татјана Ескивел изјави за новинарите дека причината за несреќата се уште не е утврдена, но дека форензичките податоци овозможуваат да се утврди веројатната причина и дека специјализиран тим во моментов го истражува местото на несреќата, пренесе Ројтерс.
Властите синоќа извршија обдукција на телото на Пинера.
– Поранешниот претседател беше во хеликоптер со членови на семејството. По падот на леталото, три лица успеале да излезат со одврзување на појасите, но четвртото лице, поранешниот претседател Себастијан Пинера, останало во оштетениот авион и исчезнало – според радио станицата Биобио.
Погреб во петок
Посмртните останки на поранешниот претседател од денеска се изложени во седиштето на поранешниот Конгрес во Сантијаго.
Погребот ќе се изврши во петок.
Хеликоптерот со Пинера (75) се урнал во езерото Ранко во јужниот дел на Чиле веднаш по полетувањето.
Пинера беше претседател на Чиле во два мандати – од 2010 до 2014 година и од 2018 до 2022 година.