Двајца владици на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ќе патуваат во Москва, каде што на 20 ноември ќе се одржи голема црковна прослава по повод 80-тиот роденден на рускиот патријарх Кирил.
Како што објави порталот „Религија.мк“, повикувајќи се на доброупатени извори, двајцата архијереи ќе отпатуваат во руската престолнина на 19 ноември, како официјална делегација на МПЦ-ОА, делегирана од архиепископот Стефан.
Имињата на владиците засега не се откриваат, но според информациите, посетата се координира и со институциите на државната власт, пред сè поради чувствителните односи со Русија во изминатите четири години. Изворите нагласуваат дека патувањето ќе има исклучиво црковен карактер.
Ова би била прва официјална посета на делегација на МПЦ-ОА на Руската православна црква по враќањето во канонско единство со одлуката на Вселенската патријаршија и признавањето на автокефалноста од страна на Руската црква, која го прифати Томосот издаден од Српската православна црква.
Минатата година Москва ја посетија владиците Петар и Никола, но според изворите, нивното патување тогаш било од приватен карактер.
Прославата на јубилејот на патријархот Кирил се организира во период на затегнати односи во православниот свет, особено поради војната во Украина и несогласувањата меѓу Москва и Вселенската патријаршија околу автокефалноста на Православната црква на Украина.
На одбележувањето се очекуваат претставници од повеќе помесни православни цркви. Меѓу можните гости се споменуваат и високи претставници на Бугарската, Српската, Ерусалимската, Антиохиската, Грузиската и Албанската православна црква, иако конечниот список на учесници сè уште не е официјално потврден.
Посебно внимание привлекува можноста на прославата да присуствува и бугарскиот патријарх Даниил, кој одржува односи и со Москва и со Вселенската патријаршија.
Посетата доаѓа непосредно по престојот на вселенскиот патријарх Вартоломеј во Бугарија, каде што тој ја посочи Бугарската православна црква како можен посредник во идното подобрување на односите меѓу Константинопол и Москва.
Учеството на македонската црковна делегација, според изворите на „Религија.мк“, се гледа и како можност МПЦ-ОА да ја афирмира својата позиција во православниот свет и да воспостави дополнителни контакти со претставници на други цркви.
Засега нема официјална потврда од МПЦ-ОА за составот на делегацијата и деталите од планираната посета.