Заменик-министерката Ширет Елези ќе раководи со Министерството за финансии, но финансиската политика ќе ја води премиерот Зоран Заев. Портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа, вели дека претседателот на Владата, Зоран Заев ќе управува со активностите од областа на финансиите и финансиската политика.
-Претседателот на Владата на Република Северна Македонија управува со активностите на Владата од областа на финансиите и финансиската политика, и реализирањето на одредбите согласно програмата за работа на Владата во рамките на Членот 11 Став 1 и 2, и Членот 35 Став 1 од Законот за работа на Владата на Северна Македонија. Додека, заклучокот 2, кој беше усвоен вчера се однесува на тоа дека се исполнети сите услови согласно Ставот 2 од Законот за организација и работата на органите на државната администрација, заменик-министерката за финансии да ги преземе сите овластувања и одговорности во раководењето на Министерството за финансии-рече Хоџа.
Во Член 11, Став 1, се вели дека премиерот на Македонија ја води работата на Владата и е одговорен за неговата работа и соработува со органите и другите јавни претпријатија. Додека, пак во Членот 48, Став 2, пишува:
-Заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето.
Според Хоџа, Елези ќе го потпишува исклучиво она што ќе ѝ каже Заев.
Н:Малку по едноставно, дали тоа значи дека Заев ќе кажува што треба да потпише Елези?
-Практично да.
Инаку, по разрешувањето на Тевдовски, Заев рече дека тој самиот ќе раководи со ресорот финансии додека не биде назначен нов министер
РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ