Израелската армија ги продолжува операциите низ Појасот Газа, а најжестоките борби се водат во Кан Јунис, каде што се убиени повеќе од 20 членови на Хамас. Целта на Израелската одбрана е пограничниот град Рафа.
„Имаше многу силна експлозија. Како што можете да видите, ситуацијата е страшна; уништена е цела зграда, без никакво предупредување“, посведочи Висам Абдел Мохсен, локален жител.
„Повредените се пренесени во болница, а две од ќерките се исчезнати. Тие не се дел од отпорот, обични луѓе“, рече Мона Ал-Машваки, локален жител.
Генералниот секретар на Обединети нации, Гутереш, предупреди на опасност од хуманитарна катастрофа и последици за целиот регион доколку израелската војска продолжи со офанзивата во Рафа. Од друга страна, Хезболах истрелаа најмалку 30 ракети од Либан кон северен Израел.
„Во Газа, ситуацијата само се влошува. Покрај смртните случаи и уништувањето од воените операции, гладот и болестите ги погодуваат Палестинците. Особено ме загрижуваат извештаите дека израелската војска има намера да се фокусира на Рафа. Половина од населението на Газа сега е таму. Тие немаат каде да одат“, изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Делегација на Хамас пристигна во Каиро на разговори за потенцијален прекин на огнот. Египетските власти проценија дека новите преговори ќе траат најмалку десет дена, пред да започне примирјето како дел од првата фаза од предложениот договор во три фази. Шефот на Белата куќа, вели дека неуморно се работи на договорот за прекин на огнот и обезбедување хуманитарна помош за цивилното население.
„Притискав, навистина силно од сите страни. Навистина, тешко е да се дојде до хуманитарна помош во Газа. Има многу невини луѓе кои гладуваат, многу невини луѓе кои се во неволја и умираат. И тоа мора да престане“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.
Американските сили извршија седум напади против четири поморски беспилотни летала на Хутите и седум мобилни противбродски ракети, кои се подготвувале да бидат лансирани врз бродови во Црвено Море.
Маријана Димовска