Иако пуштен во употреба и по него веќе се вози уште од пред еден месец, автопатот Миладиновци – Штип на денешната церемонија беше официјално отворен. Овој пат немаше зурли и тапани како што тоа беше за автопатот Демир Капија – Смоквица, но на свеченоста покрај премиерот Зоран Заев присутни беа голем број министри, директори, пратеници. Присуствуваа и кинеската амбасадорка и од компанијата Синохидро кои рекоа дека овој пат ќе биде симбол на пријателство меѓу двете земји.
-Од Скопје до Штип за половина час. Новиот автопат Миладиновци – Штип драстично го намалува патувањето од главниот град до источните делови на земјата. Делницата која ја градеше кинеската компанија Синохидро е долга 47 километри и за неа се потрошени 177 милиони евра-вели Светлана Унковска, репортер на ТВ21.
Премиерот Зоран Заев рече дека граѓаните добиваат модерно автопатско поврзување, а најави дека долж делницата ќе бидат посадени 600 илјади багремови садници.
-Преку новата клучка три чешми се спојуваат со новиот експресен пат Штип – Кочани, кој е во изградба, како пократка патна врска од околу 20 километри со источниот регион на државава. Оваа нова автопатска врска Миладиновци – Свети Николе – Штип е исклучително важна и за рамномерниот регионален економски развој-рече Заев.
Министрите за економија и за транспорт и врски Кочо Анѓушев и Горан Сугарески рекоа дека е изграден автопат кој ќе обезбеди сигурност и безбедност при патувањето.
-Задоволен сум што изградивме квалитетен автопат со што ќе се придонесе за значително подобро поврзување со источниот дел од земјава со двата паневропски коридори 8 и 10-рече Анѓушев.
-Нашата визија за модерна патна инфраструктура не водеше кон тоа да само во овој регион се инвестираат преку 100 милиони евра за да овозможиме брза патна врска до сите делови од Истокот-изјави Сугарески.
Автопатот е широк 27,4 метри, а по делницата има 7 клучки. Неговата изградба започна во мај 2014 година, а според плановите требаше да биде готов во 2017 година. Долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, како и службени премини.
РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА