Руската армија денеска соопшти дека освоила две украински села, едното во областа Доњецк на исток, а другото во регионот Харков на североисток, во новото напредување на украинските фронтови.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските војници го „ослободиле“ градот Славјово, во близина на градот Очеретина, за кој беше објавено дека бил заземен во неделата.
Руската армија забрзано напредува во последните недели во таа зона во близина на градот Авдијивка, кој во февруари падна во руски раце.
Покрај тоа, Министерството објави дека е заземен и градот Котљаривка, во регионот Харков.
Голем дел од таа област, која се граничи со Русија, беше окупирана од руската армија на почетокот на инвазијата, пред повеќе од две години.
Украинската армија е во дефанзива по неуспехот на нејзината контраофанзива минатото лето.
Русија презеде иницијатива против ривал кој има потешкотии да регрутира нови војници и се соочува со бавна испорака на помош од Западот, пишува агенцијата Франс прес.
Продолжувањето на испораката на американската воена помош, по одобрувањето на пакетот помош од 61 милијарда долари за Киев на крајот на април, треба да и овозможи на Украина да ги зајакне своите сили и да се обиде да го стабилизира фронтот, особено на истокот во зоните на Часов Јар и Авдијевка.
На Украина и недостасува противвоздушна одбрана, што им овозможи на Русите да нападнат важна инфраструктура, особено електричната мрежа и железницата.