Бројот на загинати по падот на автобус во реката Мојка во Санкт Петербург достигна седум, објави градското одделение на Рускиот истражен комитет на каналот Телеграм.
„Бројот на загинати поради пад на автобус во реката Мојка се искачи на седум“, се наведува во соопштението, пренесува РИА Новости.
Во петокот возачот на автобусот изгубил контрола при вртење од улицата Баљшаја Морскаја кон „Мостот на бакнежите“. Возилото ја пробило оградата и паднало во водата. Според прелиминарните податоци, во кабината имало околу 20 лица.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека 44-годишниот возач е приведен и сослушан како осомничен.
Како што соопштија од заедничката прес-служба на градските судови, автобусот е на компанијата Таки, која од јануари 2022 година е казнета 23 пати за прекршоци.
Во моментов таму е во тек сеопфатен увид. Поведени се две кривични истраги за прекршување на сообраќајните правила и управување со возила и давање услуги кои не ги исполнуваат безбедносните услови.
Контрола на истрагата ја презеде претседателот на Истражниот комитет Александар Бастрикин.
Во името на гувернерот на градот, Александар Беглов, формирана е комисија која треба да ја утврди причината за инцидентот.