Најмалку 113 лица загинаа, а 146 се водат како исчезнати во поплавите што ја погодија најјужната бразилска држава Рио Гранде до Сул, соопштија локалните власти.
Обилните врнежи, поврзани со овогодинешното силно влијание на Ел Нињо, предизвикаа неколку реки и езера во регионот да го достигнат највисокото ниво досега и да се излеат од коритата, објави Ројтерс.
Центарот на Порто Алегре, главниот град на оваа бразилска сојузна држава, беше поплавен, улиците се претворија во реки во околните градови, а над 300.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.
Метеоролошкиот завод Мет Сул соопшти дека ќе има дожд до понеделник, со „висок ризик од невреме“ во текот на викендот.
Во Каноас, еден од најтешко погодените градови во близина на Порто Алегре, повеќе од 6.000 луѓе престојуваат во теретана претворена во засолниште.
Во четвртокот, федералната влада објави пакет мерки за помош за Рио Гранде до Сул, кој вклучува социјални бенефиции и обезбедување поевтини заеми за погодените земјоделци и компании.