Нелегална, недозволива и провокативна, ја карактеризира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, одлуката на Гордана Сиљановска Давкова да го користи името Македонија за време на нејзината инаугурација и паралелно ја повика новата претседателка „да се врати на законските должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога“, но и порача дека „секој чекор на Скопје кон Европа“, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име.
Во опширниот пост на Фејсбук објавен рано утрово, Мицотакис потсетува на позициите на Нова демократија додека беше опозиција, истакнува дека Грција не прифаќа вакви пропусти и посочи дека името, избегнувањето провокации и почитувањето на Договорот од Преспа се клучни и за напредокот на билатералните односи и за ЕУ перспективата на земјата.
-Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но и поткопување на иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, напиша грчкиот премиер.
Додаде дека Нова демократија како опозиција и гласаше против Договорот од Преспа и предупреди за проблемите што се создаваат, но посочи дека сега, како Влада, го почитуваат „грчкиот потпис на меѓународен договор, обврзувачки за земјата“.
-Грција ги отфрла начините на управување како овие со кои госпоѓа Силјановска го започнува својот мандат. Ја повикува да се врати на нејзините законски должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога. Категорично изјавуваме дека нема да прифатиме вакви неприфатливи грешки. И повторуваме дека секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа, зависат од искреното почитување на договореното. Од правилната употреба на уставното име на соседната држава. И, секако, од избегнувањето провокации, напиша Мицотакис на Фејсбук.