Лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска порача дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да им земат два мандати преку прегласувањето на 7 избирачки места.
Ахмети рече дека тоа се прави за доколку Европскиот фронт остане во опозиција да не биде втора политичка сила во државата, која во тој случај би имала некакви функции.
„Овој момент доаѓа по заедничката анализа што ја направија ВМРО и СДСМ, за повторување на овие избирачки места, со цел Фронтот да не биде втора партија во државата. Но, дури и преговорите што ќе се водат меѓу политичките партии кои се уште се во тек, за каква било евентуалност, без да се прејудицира исходот од преговорите, но ако Фронтот остане опозиција, тој ќе биде претставник на државата во сите државни институции, со оние овластувања што ги има опозицијата. Така што од овие грижи што се создадени, се создаде и обединување меѓу двете најголеми партии на македонската заедница, што за жал, овој сојуз, ова обединување на овие политики, стравуваме дека ќе влијае и на меѓуетничките односи“, изјави Ахмети.
Тој нагласува дека тие ги знаат сите детали од тајните договори.
„Овде прашањето не е дали Европскиот фронт загуби или освои два мандата. Европскиот фронт победи на изборите на 8 мај 2024 година. Победата на Фронтот беше запечатена на 8 мај. Сите политички акробации, тајни договори во подруми се неприфатливи и казниви. Затоа што се шминкаат чекор по чекор. И не треба да се толерира ниту еден чекор поназад, туку сите страни да размислуваат. Ги знаеме сите детали за договорите во црвените визби, политичките договори, а во иднина детално ќе излеземе за сите договори каде што ќе ги приложиме на јавноста“, изјави Ахмети.