Со повеќе настани денеска во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и во Ватикан каде што ќе се поклони на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“, а имаше и аудиенција кај папата Франциск.
Во пресрет на Денот на 24 Мај, владина делегација предводена од министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, вчера положи цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј, на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
По повод Денот на сесловенските просветители, на Православниот-богословски факултет „Св. Климент Охридски“ беа одржани Првите Кирилометодиеви научни средби. Научните средби се во организација на Институтот за национална историја и Православниот-богословски факултет „св. Климент Охридски“ со цел одбележување на патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и зачувување и афирмирање на вековните македонски историски и црковни традиции.
Светите Кирил и Методиј иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, Црквата одредила и заедничко празнување на 24/11 мај. На почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Св. Кирил на 27/14 февруари и на Св. Методиј на 19/6 април, но подоцна се увидела потреба за нивен заеднички празник. Родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.