Македонија

Денес истекува рокот за кандидирање, тројца кандидати за претседател на СДСМ вчера поднесоа кандидатури

Денес истекува рокот за кандидирање, тројца кандидати за претседател на СДСМ вчера поднесоа кандидатури

Во трката за нов претседател на СДСМ, засега влегуваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник, Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка, Славјанка Петровска, како и актуелниот директор на Технолошко-индустриските развојни зони, Јован Деспотовски. Тројцата претенденти во текот на вчерашниот ден ги поднесоа своите кандидатури, истакнувајќи ја потребата од обнова на партијата.

Пред седиштето на СДСМ Филипче изјави дека заедно со кандидатурата доставува и програма која се темели на информации, сугестии и барања, од како што рече, огромниот број на членови со кои имал чести средби изминативе месеци. Истакна дека во трката влегува сам, бидејќи смета дека оној којшто ќе биде избран за претседател треба тимот да го направи по изборот.

Поранешната министерка за одбрана, Петровска, која воедно е и претседавач на Централниот одбор на СДСМ, рече дека по изборниот пораз на партијата потребни се јасни приоритети, бидејќи Социјалдемократскиот сојуз и во минатото доживувал порази, но овојпат рече ситуацијата е специфична имајќи ги предвид политичките околности во државата.

Деспотовски пак, со симболична порака од пред Музејот на Град Скопје ја најави својата кандидатура за претседател на СДСМ и најави дека доколку биде избран ќе спроведе нов механизам преку кој партијата ќе дејствува како конструктивна опозиција. Тој истакна дека ќе формира влада во сенка, за која рече ќе биде опција на граѓаните да размислуваат и да споредуваат.

Тој ги повика своите противкандидати заеднички да се залагаат за фер изборен процес во партијата, бидејќи, како што рече, само со чист изборен процес Социјалдемократскиот сојуз ќе може да влезе во процес на повторно градење.

Постапката за кандидирање започна на 31 мај и трае заклучно со денес. Внатрепартиските избори се распишани со одлука на Извршниот одбор и ќе се одржат на 30 јуни оваа година.

Во меѓувреме, со одлука на Централниот одбор на 9 јуни ќе се одржи отчетен Конгрес, на кој покрај анализите на причините за изборниот резултат, Централниот одбор ќе предложи и измени на Статутот на партијата, односно мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни