Денес на свеченост пред Министерството за одбрана, новоизбраниот министер за одбрана Владо Мисајловски ја презеде функцијата од досегашниот заменик министер Тирон Јајага. Вети дека ќе се ангажира посветено во ресорот и оти МО и Армијата ќе бидат огледало на државата, бидејќи, како што рече, како земја членка на НАТО, Армијата е најголем амбасадор на државата.
– Посветено ќе работам за Македонија да биде горда на својата Армија, рече Мисајловски.
Посочувајќи дека е голема честа да раководи со овој ресор, рече дека уште поголема е обврската, особено кон вработените и активниот воен и цивилен персонал, како херои кои се грижат за нашата и безбедноста на државата.
Досегашниот заменик министер Јајага упати честитки до Мисајловски, заблагодарувајќи се за ангажманот на функцијата и на сите вработени во Министерството за соработката.
На Мисајловски му порача дека презема институција со силни темели и тим од професионалци.