Новиот премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, го опиша вклучувањето на ознаката „Северна“ во уставното име на земјата како „срамно“, но рече дека мора да „капитулира“ пред неговата употреба бидејќи таа веќе е дел од правниот систем. Веста ја напиша грчкото издание Катимерини.
Потсетуваме дека токму поради Грција, Македонија го смени името во Република Северна Македонија. Ова се случи со Договорот од Преспа од 2018. Тој заедно со Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, на Скопје му даде „зелено светло“ на НАТО, пишуваат медиумите во регионот.
Христијан Мицкоски зборуваше доцна во неделата, непосредно пред неговата централно-десничарска партија да добие одобрение од парламентот да ја води новата коалициска влада.
Додека Мицкоски ја нарекуваше земјата како „Македонија“ за време на дводневната парламентарна расправа пред гласањето во недела, тој во својата заклетва го употреби уставното име на земјата, Република Северна Македонија.
Не ја направи грешката на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која предизвика меѓународен скандал кога не го изговори уставното име на државата за време на нејзината заклетва, додава грчкиот медиум.