Денес министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за медиуми рече дека на Клинички центар, повеќето хируршки сали се во функција. Тој изрази надеж дека на идната владина седница ќе има предлог како што побргу да се реши проблемот со компресорите.
– На Клинички центар повеќето сали работат. Значи, околу 70-80 отсто работат, меѓутоа, работиме интензивно и се надевам на идната владина седница ќе имаме и предлог како што побргу да се реши проблемот на компресорите во салите на Клинички центар, нормално не очекуваме решение кое би било помалку од три – четири месеци. Ќе се обидеме, тоа е оптимален период ако можеме комплетно да се смени и мрежата и компресорите, одговори тој на новинарско прашање.
За урнатиот потпорен ѕид кај Детска клиника, министерот рече дека проблемот треба да се реши, а не да се бара кој е виновен.
– Јас многу лесно можам да кажам минатиот министер бил, меѓутоа не е така. Проблемот е заеднички. Неколкупати е испратено писмо од двајцата последни министри, пред мене што биле, така што, мене ми треба да изнајдеме решение да се реши проблемот, подвлече Таравари.