Коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека Договорот за добрососедство со Бугарија може да се репреговара, бугарскиот претседател Румен Радев вели „државното раководство на Република Северна Македонија очигледно не е подготвено. Неопходно е познавање на меѓународното право, што очигледно недостига. Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој треба да се исполни од сите идни влади, а не да се ревидира. Радев ја даде изјавата по брифинг со бугарски медиуми во Атина, по средбата со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, јави БТА.
Според Радев, „на властите во Скопје им недостига познавање по уставно право“.
– Моделот на бугарскиот Устав и на оној на Република Северна Македонија се многу различни – нивниот ги заштитува колективните права, додека моделот на на нашиот Устав ги почитува индивидуалните права. Очигледно немаат познавања и во однос на европското законодавство за тоа, дека кога има заклучоци на Советот, усвоени со консензус, тие не се објект на пазарења, туку треба да се исполнуваат, рекол Радев.
Тој оценил дека „државниот врв на Република Северна Македонија има многу да научи“, додавајќи дека „се подготвени да помагаат и оти отсекогаш помагале на Република Северна Македонија на нејзиниот европски пат“.