Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се сретна со Даниел Џозеф Емери, амбасадор на Австралија за Република Северна Македонија (со седиште во Белград, Република Србија).
На средбата се разговараше за билатералните односи меѓу двете земји, а претседателот Гаши го запозна амбасадорот и со чекорите на Северна Македонија во насока на остварување на своите стратешки цели, за што во континуитет имаме поддршка од нашите пријателски земји, меѓу кои и Австралија.
Претседателот Гаши нагласи дека Северна Македонија и Австралија, иако се просторно многу далечни, всушност негуваат мошне блиски и пријателски односи и споделуваат слични вредности, посебно во поглед на светскиот мир и демократијата.
Беше посочено дека наредната година се заокружуваат 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји. Тоа, како што беше заклучено, претставува дополнителен поттик за понатамошно продлабочување на соработката и во делот на економијата и инвестициите, особено ако се има предвид дека голем број граѓани со потекло од земјава живеат и работат во Австралија.
Соговорниците ја оценија како позитивна и продуктивна комуникацијата на ниво на парламенти и преку пратеничките групи за соработка, а во однос на мултилатералната соработка беше посебно истакнато партнерството во рамки на НАТО и членството во Обединетите нации.