Три деца, меѓу кои и 10-месечно бебе, загинаа во пожар што рано утринава избувна во куќа во близина на Сиднеј, а локалните медиуми јавуваат дека австралиската полиција го истражува случајот како убиство.
Службите за итни случаи биле повикани на имотот во Лалор Парк, населба која се наоѓа на околу 35 километри западно од центарот на Сиднеј, околу 01:00 часот по локално време, соопшти полицијата, а пренесува Ројтерс.
На две момчиња на две и четири години им била укажана итна медицинска помош на лице место, но набргу по приемот во болница починале.
По гаснењето на пожарот пронајдено е безживотно тело на десетмесечно девојче, соопшти полицијата. Уште четири деца на возраст од шест до 11 години се во стабилна состојба во болница, како и нивната мајка која се лекува поради вдишување на поголема количина отровен чад.
Повредениот 28-годишен маж, кој ги попречувал напорите на полицијата да влезе на имотот, е приведен и под полициски надзор е пренесен во болница.
„Детективите за убиства ја презедоа истрагата за овој случај, за кој се верува дека е семејно убиство. Во моментов, се чини дека 28-годишен маж е одговорен за повеќекратните убиства“, рече портпаролот на полицијата Дени Доерти.