Државници од целиот свет испратија пораки во врска со атентатот на Доналд Трамп, поранешниот американски претседател кој вчера преживеа обид за атентат на предизборен митинг во Пенсилванија.
Од кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер соопштија дека се „потресени од сцените од митингот на претседателот Трамп во Пенсилванија“ во Лондон.
– Најостро ги осудуваме сите форми на политичко насилство и во овој момент му посакуваме се најдобро на претседателот Трамп и неговото семејство – соопштено е од Даунинг стрит број 10.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му посака на Трамп „брзо закрепнување“ и изјави дека бил „изненаден кога слушнал за пукањето“.
– Ваквото насилство нема оправдување и нема место никаде во светот. Сакам Америка да излезе од ова посилна – рече Зеленски.
Францускиот претседател Емануел Макрон го оцени обидот за убиство на поранешниот американски претседател како „трагедија за нашата демократија“, а исто така му посака на Трамп „брзо закрепнување“.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида повика на отпор кон насилството што ја „загрозува демократијата“ и додаде дека се моли за закрепнување на Трамп.
Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека се чувствува „лошо“ откако дозна за пукањето во Пенсилванија и рече дека „политичкото насилство никогаш не е прифатливо“.
Австралискиот премиер Ентони Албанес го нарече „загрижувачки“ обидот за убиство на Трамп и изјави дека „нема место за насилство во демократскиот процес“.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро му посака на Трамп „брзо закрепнување“ и „Бог да го благослови американскиот народ и да им даде мир“.
– Бевме противници, но на претседателот Трамп му посакувам здрав и долг живот – рече Мадуро.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека тој и неговата сопруга Сара биле „шокирани од нападот врз претседателот Трамп“.
– Се молиме за негова безбедност и брзо закрепнување – рече Нетанјаху.