Македонија

Ветувале профит од криптовалути и акции, а ги спречувале жртвите да ги повлечат парите, Македонија дел од меѓународна акција

Ветувале профит од криптовалути и акции, а ги спречувале жртвите да ги повлечат парите, Македонија дел од меѓународна акција

Македонското обвинителство и полицијата учествувале во меѓународна операција против мрежа осомничена за инвестициски измами преку интернет, во која во повеќе држави се уапсени седум лица, извршени се претреси на 17 локации и запленети се повеќе од 100 сервери. Според досегашните сознанија што ги соопшти Обвинителството, финансиската штета надминува четири милиони евра, а потенцијални жртви се идентификувани во најмалку 50 држави.

Акцијата била спроведена со поддршка и координација на Европол и Европравда, со учество на надлежните органи од Германија, Кипар, Финска, Албанија, Израел, Косово и Македонија.

Од македонска страна, дејствија преземале Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност.

Компанија обезбедувала платформи за измами

Според Европравда, истрагата открила компанија со седиште во Кипар и Израел, осомничена дека на различни криминални групи им обезбедувала измамнички веб-страници за спроведување интернет-измами. Агенцијата го опишува овој модел како „криминал како услуга“.

Истражителите идентификувале и осомничени клиенти на компанијата во Албанија, Косово и Македонија, за кои постои сомнение дека управувале со кол-центри користени за измами.

Во објавените информации не е прецизирано колку лица се опфатени со истрагата во Македонија, ниту дали некое од седумте апсења е извршено во земјава. Според Европравда, осомничените се уапсени заради предавање или екстрадиција во Германија.

Прво прикажувале добивка, потоа барале поголеми уплати

Шемата се засновала на интернет-платформи за тргување што изгледале легитимно. На потенцијалните жртви им била ветувана голема заработка за кратко време преку вложување во криптовалути, странски валути и акции.

Откако ќе уплателе помал износ, на корисниците им била прикажувана вештачки зголемена добивка. Така се создавал впечаток дека инвестицијата е успешна и дека платформата е доверлива.

Потоа, лица што се претставувале како брокери вршеле психолошки притисок врз жртвите да вложат дополнителни, значително поголеми суми.

Кога инвеститорите ќе побарале да ги повлечат парите, следувале различни изговори и одолжувања. На крајот, според описот на Европравда, лицата зад измамата исчезнувале, а жртвите сфаќале дека останале без вложените средства.

Пријава од германски брачен пар помогнала да се открие мрежата

Европравда наведува дека во 2022 година германски брачен пар поднел пријава откако вложил заштеди преку интернет-платформа, но не можел да ја повлече прикажаната добивка. Пријавата поттикнала истрага што открила меѓународна измамничка шема насочена кон жртви во повеќе земји.

Во претходни координирани акции биле уапсени осомничени и биле обезбедени докази, чија анализа довела до идентификување дополнителни лица, вклучително и раководители на кол-центри.

Доказите од тие операции помогнале да се откријат компанијата што ги обезбедувала измамничките платформи и нејзините осомничени клиенти.

Во најновата акција, меѓу претресените објекти бил и кол-центар во Косово. Покрај повеќе од 100 сервери, биле запленети и други електронски докази и средства поврзани со истрагата.

Европравда ги координирала правосудните активности од своето седиште во Хаг, додека Европол обезбедувал аналитичка и оперативна поддршка. Експерти на Европол биле испратени во Албанија и Косово за дигитална форензика и непосредна проверка на податоците.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни