Октомври годинава донесе пониски температури и значително помалку врнежи од вообичаеното за овој период од годината, покажуваат податоците од метеоролошките станици низ земјава. Според анализата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), просечната температура била пониска од повеќегодишниот просек, додека количеството врнежи достигнало само 40 отсто од вообичаеното.
Средномесечните температури во октомври се движеле од 7,9 степени Целзиусови во Маврово до 15,3 степени во Гевгелија.
Најтопло било на 10 октомври во Штип, каде што биле измерени 29,8 степени, додека најниската температура била регистрирана на 4 октомври во Берово и изнесувала -3,8 степени. Негативни температури биле забележани и во Маврово, како и на повисоките планински места.
Од УХМР информираат дека температурниот распоред го задржал вообичаениот тренд, но со негативно отстапување во однос на просекот.
Во текот на месецот врнежите биле исклучиво од дожд, а нивното количество се движело од 13 милиметри во Скопје и Струмица до 43 милиметри во Маврово. Најмногу дожд во еден ден бил измерен во Крива Паланка на 23 октомври, кога наврнале 18 милиметри.
Според споредбата со триесетгодишниот период од 1991 до 2020 година, октомвриската температура била пониска за 0,7 степени во однос на просекот. Уште позначително било отстапувањето кај врнежите – на државно ниво биле измерени 39 милиметри помалку од просечната месечна сума, односно недостиг од 60 проценти.