Македонија

Таравари: Не верувам дека постои здравствен работник којшто би повредил дете од три месеци

Таравари: Не верувам дека постои здравствен работник којшто би повредил дете од три месеци

Се уште го чека извештајот од Комисијата формирана на универзитетската Клиника за детски болести министерот за здравство Арбен Таравари по повод случајот со тримесечното бебе со модринки по телото на оваа клиника, за што вчера само бил брифиран од новоназначениот директор на таа Клиника Реџеп Мемеди.

-Јас вчера бев брифиран од директорот на Клиниката за педијатрија дека случајот е разгледан, разговарано е. Според него, повеќе е невнимание од сестрите со бебе кое што било немирно, меѓутоа не сакам дефинитивно да кажам оти немам писмено испратено. Меѓутоа, преземени се одредени дисциплински мерки и медицинскиот кадар треба да биде многу внимателен со сите пациенти без разлика на етничката припадност, а посебно со децата. Јас се надевам дека мерките што ќе ги преземе Комисијата заедно со директорот ќе се ефектуираат, а ако се повтори повторно, јас мислам дека тогаш веќе веднаш треба да се исклучи медицинскиот кадар. Некакви докази дека намерно тоа е направено нема, така што, јас кажав и на почетокот – да бидеме внимателни да ги слушнеме и двете страни. Не верувам дека постои здравствен работник којшто би бил подготвен да повреди дете од три месеци. Да бидеме внимтелни. Очекувам писмено да ги прочитам сите констатации од Комисијата од Клиниката за педијатрија па повторно ќе ве известам, рече Таравари во Собранието во изјава за медиумите каде учествуваше на седница на собраниската Комисија за здравство.

Прашан за кого се води дисциплинска постапка во врска со случајот, тој рече дека таа е покрената за две лица, од кои една е медицинска сестра.

– Најверојатно за медицинска сестра и некој од болничарите. Меѓутоа, повторно не сум сигурен. Очекувам писмено да ми бидат испратени. Вчера бев брифиран само од директорот. За медицинската сестра знам сигурно, но за вториот не знам кој е, појасни Таравари.

Тој увери дека бил правилен неговиот потег без да се спроведе ваква постапка и проверка да го посети семејството на тримесечното бебе.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни