Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на отворањето на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ којашто под нејзино покровителство се одржува во Охрид до 29 август 2024 година.
Истакнувајќи дека македонскиот јазик и Семинарот за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ имаат не само национално, туку и пошироко интернационално значење, претседателката Сиљановска Давкова нагласи дека истиот е сјаен преплет на врвна наука, едукација во пракса, развој на лекторати по македонистика во светот, соработки, вмрежувања, нови проекти, како и културна дипломатија. Претседателката додаде дека верува дека развојот на културниот туризам како важна општествена и економска гранка, како еден од приоритетите навистина ќе вроди со плод.
Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура досега има организирано 56 летни школи и три зимски школи, како и 50 меѓународни научни конференции на кои учествувале повеќе од 4.000 учесници од над 60 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик во нашите лекторати и универзитетите во светот.