Илјадници комуникациски уреди (пејџери) вчера експлодираа во Либан, со што загинаа најмалку девет лица, а ранети беа речиси 3.000, од кои 200 се во критична состојба.
Пејџерите започнаа да експлодираат во јужен Либан, во јужните предградија на Бејрут познати како Дахије и во источната долина Бека – сите упоришта на Хезболах. Во еден случај, видеонадзорот покажа дека едно лице плаќало во самопослуга, како што изгледало како мала рачна направа поставена до касата експлодирала.
Проиранскиот Хезболах вети дека ќе му возврати на Израел, чија војска одби да ги коментира експлозиите.
Се чини дека заговорот трае со месеци, изјавија неколку извори за Ројтерс. Висок либански безбедносен извор изјави дека групата нарачала 5.000 пејџери произведени од тајванската компанија Gold Apollo. Неколку извори рекоа дека тие биле донесени во земјата пред неколку месеци.
Еден извор идентификуваше фотографија од модел на пејџер, AP924, кој како и другите пејџери безжично прима и прикажува текстуални пораки, но не може да остварува телефонски повици.
Борците на Хезболах користат пејџери како ниско-технолошки средства за комуникација во обид да избегнат израелско следење на локациите на мобилните телефони, изјавија за Ројтерс два извори запознаени со операциите на групата.
Но, висок либански извор рече дека израелската шпионска служба ги модифицирала уредите уште при нивното производство.
„Мосад вметнал табла во внатрешноста на уредот на која има експлозивен материјал кој ја прима шифрата. Многу е тешко да се открие на кој било начин. Дури и со било кој уред или скенер”, рекол изворот.
Изворот рече дека 3.000 пејџери експлодирале кога им била испратена шифрирана порака, истовремено активирајќи го експлозивот. Друг безбедносен извор за Ројтерс изјавил дека во новите пејџери биле скриени до три грама експлозив.
Основачот на тајванскиот Gold Apollo, Хсу Чинг-Куанг, рече дека пејџерите користени во детонациите во вторникот во Либан не се направени од компанијата, туку од компанија во Европа која има право да го користи заштитниот знак на тајванската компанија. „Производот не беше наш. Само го имаше нашето лого на него“, рече тој. Хсу не ја именуваше компанијата за која рече дека ги произведува пејџерите.
„Ние сме одговорна компанија. Ова е многу срамно“, рече тој.
Милитантната група Хезболах вети дека ќе му возврати на Израел, откако го обвини за детонирање на пејџери низ Либан во вторникот, при што загинаа девет лица и беа ранети речиси 3.000, вклучително и борците на Хезболах и иранскиот амбасадор во Бејрут.