Битола и Прилеп се во шок по сообраќајната несреќа која се случи утрово. На друштвените мрежи.
„Катастрофална загуба за Македонија и македонското здравство, во трагична сообраќајна несреќа утрово изгубивме двајца врвни лекари. Прим. Д-р Александар Ристески и д-р Никола Василевски. Животот го загуби и рентген техничар Фанче Јовановска. Сочувство до семејствата и блиските, ова е навистина тажен ден. Сочувство и до целиот персонал на болницата Плодност“, пишува доктор Ненад Лазаров.
Поранешниот министер за здравство и актуелен лидер на СДСМ на Фејсбук напиша: Денеска загубивме тројца наши драги колеги, врвни професионалци и пред сè големи луѓе. Со неизмерна тага ја примив веста за трагичната сообраќајна несреќа во Прилеп, во која животите ги загубија примариус д-р Александар Ристески, радиолог, д-р Никола Василевски, гинеколог, и рендген техничарката Фанче Јовановска, сите дел од приватната болница Плодност од Битола. Загубивме луѓе кои посветија живот за доброто на другите и кои оставија неизбришливи траги во здравството. На семејствата, блиските и колегите на загинатите им изразувам најискрено сочувство. Нека им е вечна слава.
Се огласија и од Болница Плодност:
Со длабока болка, тага и неизмерна жалост, ја примивме веста за тешката загуба на нашиот медицински персонал, кој денес загина во сообраќајна несреќа.
Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава, доаѓајќи на своите работни места од Прилеп.
Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.
„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност.
Со соодветен комеморативен настан, Болница Плодност ќе им оддаде почит на трагично загинатите колеги.
Се огласи и Гоце Михајловски, главен и одговорен уредник на Канал 5 кој пак по потекло е од Прилеп:
Нема збогум, пак ќе се сретнеме некогаш! Прво ми беше цимер, а потоа ми стана најдобриот другар. Не знам дали и јас нему, имаше многу пријатели и другари, но знам дека и двајцата се радувавме како мали деца на секоја средба и небројаните часови муабети. Бевме сродни души некако, делевме исти вредности и идеали, имавме исти соништа. Беше човек во вистинската смисла на зборот, кој денес ретко се среќава. Благодарам на привилегијата да другаруваме. Тешко ми е да кажам збогум. Не можам да поверувам дека на ваков начин се разделуваме, ама сакам да верувам дека некогаш пак ќе се сретнеме! Засега само поздрав Кољо.