Иран нема да се двоуми да преземе „посилни одбранбени акции“ доколку Израел возврати за ракетниот напад на Техеран минатата недела, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи.
Иран е „целосно подготвен да преземе посилни одбранбени дејствија, доколку е потребно, како одговор на каква било понатамошна агресија и нема да се двоуми да го стори тоа“, рече Аракчи во писмото упатено до другите министри за надворешни работи, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи објавено на платформата Икс (Твитер), објави Ројтерс.
Аракчи во писмото вели дека ракетниот напад на Иран врз Израел бил во согласност со неговото право на самоодбрана според меѓународното право и дека следел многу воздржаност додека барал прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас во Газа.
Израел постојано повторува дека ќе одговори на иранскиот ракетен напад извршен на 1 октомври.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека Израел ќе го нападне Иран на начин што ќе биде „смртоносен, прецизен и изненадувачки“.