Во живо Вонредно Ноќно студио 20:00 „Кризата со Алта Банка“ Гледај
Македонија

Морбилите се шират? Потврдени четири случаи, засега нема услови за епидемија

Морбилите се шират? Потврдени четири случаи, засега нема услови за епидемија

Здравствените власти ја следат состојбата со појавата на морбили во земјава, каде што досега се потврдени четири случаи. Надлежните работат на утврдување дали постои епидемиолошка поврзаност меѓу заболените, но засега нема услови за прогласување епидемија, информира министерот за здравство Сашо Клековски.

Според досегашните информации, три случаи се регистрирани во Велес, Штип и Скопје. Меѓу заболените има две бебиња помлади од 12 месеци и едно 40-годишно лице. Сите три пациенти се невакцинирани. Еден од четирите потврдени случаи е увезен, односно лицето пристигнало од странство.

Клековски упати апел до граѓаните да го проверат својот вакцинален статус и да се осигурат дека примиле две дози вакцина против морбили или дека ја прележале болеста. Посебно внимание, како што нагласи, треба да посветат здравствените работници поради честите контакти со пациенти.

Министерот предупреди дека морбилите се високо заразно заболување и апелираше граѓаните кои имаат температура и осип да не одат директно во здравствените установи, туку најпрво телефонски да го контактираат својот матичен лекар.

„Вакцинирајте се, проверете дали имате две дози вакцина или дали сте ја прележале болеста. Ова особено апелирам до здравствените работници да го направат бидејќи тие се во контакт и се најризични. Во однос на граѓаните, доколку имате температура и осип, не одете на доктор, јавете му се на докторот“, порача Клековски.

Тој посочи дека вирусот може да остане активен во воздухот околу два часа, поради што престојот во чекалниците на здравствените установи може да го зголеми ризикот од ширење на заразата.

„Главна контакт-точка за сипаниците во основа се чекалниците во здравствените установи. Вирусот е активен околу два часа во воздухот и тоа е релативно широка зона на ризик и мислам дека треба да бидеме максимално претпазливи“, предупреди министерот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни