Катица Јанева е во Гевгелија. На 15-ти овој месец отворено ѝ е боледување. Моментално била на медикаменти, а докторот и потпишал боледување, препорачал одмор и си отишол на одмор во Бугарија. Јанева покрај боледувањето од матичниот сега треба да добие боледување од специјалист , доколку продолжи да отсуствува од работа.
Јанева веќе седум дена ја нема во јавноста иако сè уште е на чело на СЈО. Додека Катица се рехабилитира нејзините колеги се на тешки маки. Нејзините две заменики, обвинителките Ленче Ристоска и Бети Јосифовска немаат законски и правни овластувања да потпишат никаков важен документ. Налозите за исплата на плата се под знак прашалник.
Двете обвинителки за кои засега не се открива име, веќе се понудиле во ОЈО да дадат исказ за последниот случај „Рекет“, во кој на Јанева и беше одземен едниот мобилен телефон, за другиот кажала дека нејзиниот син го изгубил во Белград.
Новинар: За што ви беа разговорите?
Вилма Рускоска: Прашаа дали и кога треба да дојдат да дадат исказ.
Новинар: Сите обвинители?
Вилма Рускоска: Не сите.
Новинар: Колку на број?
Вилма Рускоска: Две.
Никого од СЈО специјалниот обвинител не може да го овласти да ги врши функциите што со законот ги има само тој/таа, во негово/нејзино име да ги извршува. Тоа го регулира членот 9 став 3 од законот.Денеска во Сојзуот на Стопански комори шефот на државата Стево Пендаровски побара случајот „Рекет“ брзо да се реши, а потсети и дека ЕК во извештајот за 2017 година не дефинираше како зарабона држава.
„Јас од оваа позиција, не правам политички притисок ако кажам дека инсистирам државните органи во таа т.н ситуација и случај „Рекет“ да ја истераат работата што е можно по брзо, до крај за да не се остави ни најмал простор за сомнеж, дека некој некого штити или дека повторно се рециклираат лоши практики од минатото кога одредени политички фактори штитеа криминални бизниси и на тој начин знаеме до кое дереџе дојдовме. “, рече Пендаровски.
На секојдневните прозивки Јанева не одговара ни со соопштение за нејзиното отсуство или барем да даде најава за враќање. Нема објаснување за тоа како функционира оваа моментално парализирана институција.Јанева на неколку часа по приведувањето на Боки 13 и Кичеец случајно или не поднесе оставка од функцијата. Таа треба да се активира откако ќе биде донесен новиот закон со кој СЈО се интегрира во ОЈО и ќе биде изберен нејзин наследник.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ