Откако законот беше сменет во јули, Украина одлучи трајно да го задржи тековното зимско сметање на времето, познато и како стандардно или средноевропско време. Тоа значи дека транзицијата кон летното сметање на времето во Украина повеќе нема да се случува – за сите други земји кои сè уште ги движат часовниците, тоа ќе се случи на 30 март 2025 година.
Одлуката на Украина има неколку причини. Од една страна, промената на времето влијае на биоритмите на луѓето, што негативно се одразува на нивната физичка и психолошка состојба, објави агенцијата Интерфакс.
По промената на времето граѓаните се чувствуваат полошо, им се намалува работната способност, а има значително влошување на хроничните заболувања, се наведува во образложението на законот.
Исто така, не е утврдено дека менувањето на времето носи заштеда на енергија. Во минатото, многу земји-членки на ЕУ воведоа промени во времето со цел да заштедат енергија и подобро да ја искористат дневната светлина. Меѓутоа, денес не е јасно дали тоа навистина резултирало со заштеди. Украина ја објасни оваа одлука со тоа што сака да се дистанцира од својот воен непријател Русија: „Затоа, воведувањето и воспоставувањето на единствено киевско време низ Украина ќе ја зајакне безбедносната позиција на Украина и ќе придонесе за евакуација и реинтеграција на привремено окупираните области“.
Претходно, украинското летно сметање на времето од крајот на март до крајот на октомври се совпаѓаше со времето на Москва во текот на целата година.
Прашањето за укинување на промената на времето двапати годишно е тема на разговор веќе подолго време. Пред неколку години, Европската комисија предложи да се задржи регулативата за летното сметање на времето. Сепак, конечната одлука зависи од секоја поединечна земја-членка. На пример, Исланд и Гренланд веќе немаат промена на времето. Бразил, Турција, Египет и Намибија исто така ги укинаа сезонските промени пред неколку години. Некои земји, како Авганистан, Индонезија и Тајланд, никогаш не ги поместиле стрелките на часовникот.