Свет

Русите ја казнија Телеграм: Поради ова Павел Дуров ќе мора да плати 64.000 евра

Во понеделникот Русија ја казни платформата за пораки на социјалните мрежи „Телеграм“ со седум милиони рубљи (околу 64.000 евра) поради обезбедување пристап до одредени забранети содржини, јавува Анадолија.

Локален суд во Москва го казни Телеграм откако го прогласи за виновен за кршење на рускиот закон поради обезбедување пристап до некои забранети содржини.

Други платформи за социјални медиуми, вклучувајќи ги Apple, Google, TikTok и Facebook, претходно беа казнети поради слични причини.

Рускиот суд претходно го казни Apple затоа што не отстрани два подкасти. Во 2021 година, Фејсбук беше казнет со 220.000 евра затоа што не избришал содржина што Москва ја смета за нелегална.

Да потсетиме, Русинот Павел Дуров е основач на Телеграм, а неговото богатство се проценува на 15,5 милијарди долари. Тој ја напушти Русија во 2014 година, откако одби да ги исполни барањата на владата да ги затвори опозициските заедници на неговата социјална мрежа ВКонтакте, која ја продаде.

Дуров стана француски државјанин во август 2021 година. Тој се преселил со Телеграм во Дубаи во 2017 година, а според француските медиуми добил и државјанство од Обединетите Арапски Емирати. Тој е исто така државјанин на Сент Китс и Невис, двоен остров на Карибите, пишуваат медиумите.

Русија почна да го блокира Telegram во 2018 година, откако апликацијата не ја исполни судската наредба да им дозволи на државните безбедносни служби пристап до шифрираните пораки на нејзините корисници. Акцијата имаше мало влијание врз достапноста на Телеграм во Русија, но предизвика масовни протести во Москва и критики од невладините организации.

Дуров беше уапсен во Франција во август годинава затоа што судството сметаше дека поради неумереност, соработка со полицијата и алатките што ги нуди Телеграм (привремени броеви, криптовалути…), Дуров е одговорен за трговија со дрога, педокриминална активности и измами.

Тој беше ослободен неколку дена подоцна со кауција, но му е забрането да ја напушти Франција и се соочува со судење.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни