Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска за новинарите изјави дека рускиот претседател Владимир Путин лично одлучи да даде азил на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговото семејство.
„Вакви одлуки секако не можат да се носат без шефот на државата. Тоа беше негова одлука“, рече Песков, одбивајќи официјално да коментира каде се наоѓа Асад. Песков рече дека нема што повеќе да додаде.
Ал Асад побегна во Москва додека сириските опозициски сили ја презедоа контролата врз главниот град, објавија во неделата руските државни медиуми, додавајќи дека Русија му дала азил од хуманитарни причини.
Режимот на Ал Асад владееше со Сирија со железна контрола речиси 25 години. Тој брутално ги ограничи човековите права, користејќи хемиско оружје против цивилите во граѓанската војна што беснее низ целата земја од 2011 година.
Михаил Улјанов, рускиот амбасадор во меѓународните организации во Виена, ја потврди оваа вест во објава на Х.
„Најнови вести! Башар ал Асад и неговото семејство во Москва. Русија не ги издава пријателите во тешки ситуации“, рече Улјанов.
Европските лидери го поздравија падот на режимот обвинет за неселективно уништување на цивилни области, неселективно затворање на невини луѓе и широка употреба на тортура во озлогласените затвори, пишува Политико.