Свет

„Руската бомба е фрлена“: Полска бара помош!

„Руската бомба е фрлена“: Полска бара помош!

Европа се соочува со нов предизвик кој доаѓа од Русија, овојпат во форма на рекорден увоз на руски ѓубрива. Иако може да изгледа дека тоа е само економско прашање, Полска и другите земји од Европската унија овој феномен го гледаат како нова форма на геополитички притисок.

Полска се соочува со драматичен пораст на увозот на минерални ѓубрива од Русија, кој во првите девет месеци од годинава скокна на речиси милион тони, во вредност од над 318 милиони евра. Посебно загрижува зголемувањето на увозот на азотни ѓубрива, клучни за земјоделското производство, кој достигна највисоко ниво од 2017 година.

Иронично е што Полска, како застапник на антируската политика, сега зависи од руските ѓубрива. Нивниот земјоделски сектор, столбот на нивната економија, станува сè позависен од евтините руски производи.

Полска, заедно со Литванија, Латвија и Естонија, бараат од Европската комисија да воведе дополнителни увозни давачки за руските и белоруските ѓубрива. Тие предлагаат да се воведат давачки до 30%, со цел да се отежни увозот и да се заштитат европските производители од дампинг цени.

Во Полска постои страв дека Русија, доколку оцени дека е вистинскиот момент, би можела да користи ѓубрива како геополитичко „оружје“. Ненадеен прекин на снабдувањето или нагло намалување на извозот може да доведе до целосен хаос на европскиот пазар, со скок на цените на храната и дестабилизација на земјоделскиот сектор.

Оваа зависност создава дополнителен притисок врз Европската Унија, која сега се соочува со дилема: како да го заштити сопственото производство без да предизвика дополнителна економска криза?

Руските ѓубрива се далеку поевтини од европските, поради значително пониските производствени трошоци, ниските цени на природниот гас и немањето обврска за плаќање даноци за емисиите на јаглерод диоксид. Ова претставува сериозен предизвик за европските производители, а многу земји се двоумат дали да го поддржат предлогот на Полска, поради страв да не предизвикаат дополнителен економски притисок врз сопствените земјоделци.

Москва го зајакнува своето економско влијание, додека Полска и другите земји се обидуваат да балансираат меѓу политичките принципи и економската реалност. Ако ситуацијата не се реши на европско ниво, сценариото во кое полските земјоделци зависат од руските ѓубрива додека нивната домашна индустрија ќе пропадне би можело да стане неизбежно.

Русија покажа дека е способна да ги користи своите економски ресурси со стратешка прецизност, додека Европа бара начин да се спротивстави на ова „ново оружје“ што ја загрозува нејзината стабилност.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни