Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Русија на 20 декември пред Советот за безбедност на ОН ќе го постави прашањето за атентатот на генералот Игор Кирилов „од Украина“, пренесе Ројтерс.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека секој кој е вмешан во убиството ќе биде пронајден и казнет.
Генерал-полковник Игор Кирилов, шеф на руските трупи за радијациона, хемиска и биолошка заштита (РКБЗ), загина заедно со неговиот помошник мајор Поликарпов вчераутро во експлозија во резиденција на „Рјазански проспект“ во Москва.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСС) денеска соопшти дека под сомнение за убиство е приведен дваесет и деветгодишен државјанин на Узбекистан, кој изјавил дека бил регрутиран од украинските специјални служби.