Гренланд не е на продажба, изјави денеска лидерот на тој остров, реагирајќи на коментарите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за „сопственоста и контролата“ на огромниот арктички остров кој е дел од Данска повеќе од 600 години, пишува Ројтерс.
„Гренланд е наш. Ние не сме на продажба и никогаш нема да бидеме на продажба. Не смееме да ја изгубиме нашата долга борба за слобода“, рече премиерот на островот Муте Егеде во писмен коментар.
Трамп вчера објави дека го избрал Кен Хавери, поранешен пратеник во Шведска, за свој амбасадор во Копенхаген и го коментираше статусот на Гренланд, полуавтономниот дел на Данска и дом на голема база на воздухопловните сили на САД. „За целите на националната безбедност и слободата ширум светот, Соединетите Американски Држави сметаат дека сопственоста и контролата на Гренланд се апсолутна неопходност“, напиша Трамп на платформата Truth Social.
Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, не даде детали за неговата изјава. Данската влада не беше веднаш достапна за коментар.
Гренланд со својата воздухопловна база Питуфик е стратешки важен за американската војска и систем за рано предупредување за балистички ракети, имајќи предвид дека низ островот минува најкратката рута од Европа до Северна Америка.
Трамп и претходно се обиде да го купи Гренланд
За време на неговиот претходен мандат, Трамп изрази интерес за купување на Гренланд во 2019 година, но тој предлог беше брзо отфрлен и од Данска и од властите на островот, пред да започнат официјалните разговори.
Данската премиерка Мете Фредериксен тогаш ја нарече „апсурдна“ понудата на Трамп, што го натера да го нарече нејзиното отфрлање на идејата „дрско“ и да ја откаже посетата на Копенхаген. Фредериксен продолжува да ја извршува функцијата дански премиер.
Од 2009 година Гренланд има право да прогласи независност од Данска. Островот со околу 56.000 жители, кој годишно се потпира на значителни буџетски трансфери од Копенхаген, досега се воздржуваше од таков потег.
Вчера, Трамп одделно се закани дека ќе ја обнови американската контрола над Панамскиот канал, обвинувајќи ја Панама дека наплатува прекумерни тарифи за користење на централноамериканскиот премин.