Свет

Романскиот парламент ја одобри новата влада

Романскиот парламент ја одобри новата влада

Романскиот парламент ја одобри новата проевропска влада по парламентарните избори на 1 декември. Новиот кабинет, кој повторно ќе го предводи Марсел Чолаку, доби 240 гласа за потребниот минимум од 233 во парламентот со 465 места.

Против гласаа 143 пратеници. Во салата беа присутни 450 пратеници и сенатори, од кои гласаа 383.

Претходно денеска претседателот Клаус Јоханис го номинираше поранешниот премиер Марсел Чиолаку од Социјалдемократската партија (СДП) за формирање на новата романска влада, откако три проевропски партии постигнаа договор за коалиција со која ќе добијат парламентарно мнозинство, пишува БТА.

Коалициската влада ги вклучува левичарската СДП, центристичката Национал-либерална партија (НЛП) и етничката партија Демократска унија на Унгарците во Романија (ДСУР). Ним им се придружи групата од 19 пратеници од националните малцинства, освен унгарското, со која коалицијата има 244 гласа во 465-члениот парламент.

СДП освои најмногу гласови на изборите на 1 декември, на кои три ултранационалистички и екстремно десничарски формации, некои со јасни проруски симпатии, освоија околу една третина од пратеничките места.

Марсел Чолаку е премиер на Романија од јуни минатата година.

Новата влада ќе треба да одобри календар за нови претседателски избори во два круга. Трите партии во коалицијата се согласија да поддржат еден кандидат за претседател во обид да спречат да победи претставник на радикалната десница. За единствен кандидат поддржан од трите партии во коалициската влада денеска беше предложен Крин Антонеску, кој е поранешен лидер на НЛП.

Вториот мандат на Клаус Јоханис заврши во саботата, но тој ќе остане на функцијата додека не се избере нов шеф на државата, откако првиот круг од претседателските избори одржани на 24 ноември беше поништен од Уставниот суд два дена пред вториот круг поради сомневања за странска пристрасност и манипулации.

Во вториот круг требаше да се појават независниот екстремно десничарски проруски кандидат Калин Георгеску и кандидатката на центристичката Унија за спас на Романија (ССР) Елена Ласкони.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни