Азербејџанскиот AnewZ пишува дека извор од азербејџанската влада изјавил дека прелиминарните резултати од истрагата откриле дека авион на Азербејџан ерлајнс кој летал на релација Баку-Грозни бил нападнат од рускиот систем за воздушна одбрана Панцир-С додека се приближувал до градот Грозни.
AnewZ пишува дека поради употребата на системот за електронско војување, комуникацискиот систем на азербејџанскиот авион бил целосно парализиран. Оваа околност доведе до фактот дека авионот исчезна од радарот во рускиот воздушен простор, а сигналот беше повторно воспоставен само над областа на Каспиското Море.
Треба да се напомене дека, според руски извори, за време на летот над територијата на Чеченија, руските сили за воздушна одбрана се обиделе да соборат украински беспилотни летала. Така, шефот на Советот за безбедност на Чеченската Република, Хамзат Кадиров, го потврди фактот за нападот со беспилотно летало на Грозни утрото на 25 декември, истакнувајќи дека нема жртви или материјална штета. Во таков случај руската страна била обврзана да го затвори својот воздушен простор за цивилни авиони, што, сепак, не било сторено, пишува овој медиум.
Како што претходно објави „Гардијан“, Русија и Казахстан се обидоа да ги смират шпекулациите за причината за падот на авионот на „Азербејџан ерлајнс“, додека Кремљ повика да се чекаат резултатите од истрагата.
Претставник на украинската национална безбедност тврди дека несреќата, во која загинаа 38 лица на Божиќ, била предизвикана од оган од руската воздушна одбрана.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека истрагата за причините за авионската несреќа е во тек, додавајќи дека би било погрешно да се шпекулира пред да заврши истрагата.
40 лица загинаа во вчерашната несреќа на азербејџанскиот авион што се урна кај Актау во Казахстан.