Свет

Хемиските фабрики на руски милијардери обезбедуваат суровини за експлозиви за руската армија во Украина

Хемиските фабрики на руски милијардери обезбедуваат суровини за експлозиви за руската армија во Украина

Хемиските фабрики на некои од најбогатите луѓе во Русија обезбедуваат состојки за фабриките кои произведуваат експлозиви користени од руската војска за време на војната во Украина, покажува анализата на железничките и финансиските податоци, пренесува денеска Ројтерс.

Според овие податоци, тој идентификувал пет хемиски компании во сопственост на пет милијардери кои се под западни санкции, и кои обезбедувале 75 отсто од клучните хемикалии транспортирани со железница до некои од најголемите руски фабрики за експлозиви од почетокот на војната до ноември оваа година.

Анализата за прв пат покажува колку фабриките кои се дел од руската воена машина зависат од овие луѓе и нивните компании.

Меѓу милијардерите се и поранешниот сопственик на фудбалскиот клуб Челзи, Роман Абрамович и Вагит Алекперов, кого Форбс во април го прогласи за најбогат човек во Русија, чие богатство се проценува на 28,6 милијарди долари.

Ројтерс известува дека ниту Абрамович ниту Алекперов не одговориле на барањето за коментар, но лондонската компанија Евраз, во која Абрамович има 28 отсто, соопшти дека ги испорачува хемикалиите исклучиво за цивилна употреба.

Рафинеријата Лукоил, во која Алекперов сè уште има удел, изјави дека не произведува експлозиви или сродни компоненти.

Ана Нагурни, професорка на Универзитетот во Масачусетс, која ги проучувала синџирите на снабдување поврзани со војната меѓу Украина и Русија и која ја прегледала анализата на Ројтерс, рече дека компаниите на петте милијардери и помагаат на Москва не само со обезбедување на клучни хемикалии, туку и со заработка од извоз на цивилни производи, вклучително и ѓубриво.

„Овие хемиски компании можеби функционираат како цивили, но тие ги поддржуваат воените напори“, рече Ана Нагурни.

За да се утврди каде главните фабрики за муниција во Русија ги добиваат своите резерви, Ројтерс го анализираше движењето на повеќе од 600.000 железнички пратки со хемикалии потребни за производство на експлозиви, почнувајќи од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година и завршувајќи во септември 2024 година.

Податоците покажаа дека компаниите на милијардерите доставувале клучни состојки во пет фабрики за експлозиви и барут во Русија кои се под санкции од Западот.

Тие фабрики се подружници на рускиот државен производител на оружје и автомобили Ростек.

Петте фабрики за муниција што ги снабдуваа компаниите поврзани со милијардерите вклучуваат голема фабрика во Держинск.

Таа фабрика е единствениот значаен руски производител на пластични експлозиви HMX и RDX, кои се користат за артилерија и ракети, според украинските разузнавачи.

Две фабрики на компанијата Еурохем основана од рускиот милијардер Андреј Мелниченко ја снабдуваат фабриката Свердлов со хемикалии, покажаа податоците од железницата. Една од погоните во југозападна Русија, Невиномиски азот, испратила најмалку 38.000 тони оцетна киселина во фабриката Свердлов за време на војната во Украина.

Друга фабрика, Новомосковски Азот, испорача речиси 5.000 тони азотна киселина во истиот период.

Оцетна и азотна киселина се користат за производство на експлозиви HMX и RDX.

Компанијата „Еурохем“ тврди дека не е дел од одбранбениот сектор на руската економија и дека ниту еден нејзин производ не е наменет за воени цели. Тие, исто така, негираат дека Мелниченко ја контролира компанијата.

Друг гигант во индустријата за вештачко ѓубриво, Уралхем, основан од санкционираниот милијардер Дмитриј Мазепин, испорача повеќе од 27.000 тони амониум нитрат во фабриката Свердлов, која исто така се користи за повторно производство на HMX и RDX и се меша со ТНТ за да се произведе експлозивот познат како Аматол.

Фабриката за барут Тамбов и фабриката за барут во Казан, исто така, добија залихи на киселина од компанијата „Уралхем“.

Фабрика за челик во Сибир во сопственост на Евраз, која котира на Лондонската берза, испорача 5.000 тони толуен, клучна компонента за ТНТ, во фабриката во Бијск Олеум.

Евраз во соопштението наведе дека испорачува толуен исклучиво за цивилна употреба.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни