Папата Франциск (88), кој вчера беше хоспитализиран поради респираторна инфекција, помина мирна ноќ во болница.
Италијанската новинска агенција Анса ја пренесе објавата на Ватикан дека папата боледува од инфекција на респираторниот систем, што го покажаа првите тестови откако е хоспитализиран во болницата Ѓемели.
Папата беше хоспитализиран поради бронхитис, кој се влоши, и беше подложен на специјалистички прегледи и фармаколошка терапија.
-Првите направени прегледи покажуваат инфекција на респираторниот тракт. Клиничката состојба е умерена и има блага температура – се додава во соопштението.
Папата Франциск во последните години имаше проблеми со грипот и други здравствени проблеми.
На почетокот на месецот, за време на аудиенција, тој им кажа на верниците дека боледува од „тешка настинка“, која подоцна Ватикан ја опиша како бронхитис.