Август е месец за колективен одмор на обвинителите и судиите. Работат само дежурните екипи, но повеќето од истрагите за разни предмети овие 15 дена се на пауза.
Прекината е и истрагата за случајот „Рекет“, кој го води шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Нејзината летна ферија, за опозицијата остава простор за сомнеж дека се прават големи напори за прикривање факти за случајот „Рекет“.
До средина на август ќе летува и специјалната обвинителка која поднесе оставка, Катица Јанева. Нејзиното име се поврзува тесно со скандалот „Рекет“, а Јанева јавно ја негираше нејзината вклученост во случајот. Обвинувањата за вмешаност на вработени во СЈО во криминал, заменик- помошник државен секретар на САД, Метју Палмер, вчера ги нарече „сериозни“ кои бараат сериозен одговор. Тој ги охрабри домашните институции да продолжат со истрагите.
-Такви сериозни обвинувања бараат сериозен одговор. Ако постојат докази, тогаш соодветно обвинение ќе биде можност за властите и Северна Македонија да покажат почитување на владеење на правото, кое преставува фундаментална основа што ќе ѝ помогне на Северна Македонија да го продолжи европскиот пат. Ние ги поддржуваме и охрабруваме институциите на Северна Македонија да ја завршат оваа истрага-рече Палмер.
Палмер исто така нотира дека е многу важно да постои Специјалното јавно обвинителство, кое ќе има мандат да ги адресира овие прашања и предизвици. Преговорите меѓу власта и опозицијата околу предлог-законот за обвинителство, веќе некое време се без резултат. Нивната следна средба е закажана за 15-ти август, а за истата на 27-ми август е свикана седница во Собрание. Во однос на ова прашање, Палмер рече дека е важно власта и опозицијата да разговараат и да ги надминат меѓусебните разлики.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ