Не е тајна дека во последните години полициските сили ширум светот тестираат различни роботи како потенцијална поддршка за нивните полицајци. Сепак, ниту еден од овие тестови не помина многу добро.
Доволно е да се потсетиме на ситуацијата од САД во која полициски робот „зеде куршум“ или Knightscope K5, кој требаше да одржува ред во њујоршкото метро, но беше повлечен бидејќи „создаде чувство на страв“.
А сепак, и покрај ова, во Тајланд решија да користат робот како дополнителен „колега“ на своите полицајци за време на фестивалот Сонгран. За разлика од претходните роботи, овој андроид, кој тајландските медиуми го нарекуваат „AI police cyborg 1.0“, по изглед наликува на човек, иако е за глава повисок од другите полицајци.
Според објавата на Фејсбук страницата на тајландската полиција, киборгот е опремен со технологија за препознавање лица и може да ја предупреди полицијата за поединци за кои смета дека се со висок ризик, како и за присуство на оружје.
Опремен е со камера која снима сè во круг од 360 степени, но не е јасно дали киборгот воопшто може да се движи. Имено, на Фејсбук страницата е прикажано како стои на подигната платформа со тркала, па неговата корисност е всушност под знак прашалник, бидејќи препознавањето на личностите може да се направи со обична камера и добар софтвер. На крајот на краиштата, не е јасно што би ја спречило „лутата толпа“ да го собори киборгот или да истури боја врз него, со што ќе го спречи понатамошното снимање.
Факт е дека роботите сè уште учат како да се движат на две нозе без човечка помош, а ние можеме само да сонуваме за нивното беспрекорно движење како што гледаме на филмовите.
Ќе биде интересно да се види дали киборгот ќе го преживее фестивалот и се уште е во употреба потоа.