Македонија

Патот до болницата „Козле“ уништен – општината не го исполни ветувањето за санација

Веќе неколку години патот кој води до детската болница „Козле“ е уништен, со скршена калдрма и дупки. Од општина Карпош пред четири месеци за ТВ21 изјавија дека зимските климатски услови не дозволуваат санација на улицата, но ветија дека до јуни патот ќе биде асфалтиран.

Но патот и по четири месеци е во иста состојба.

Граѓаните и понатаму се жалат.  Велат дека патот со калдрма претставува проблем бидејќи им ги уништува автомобилите. Патот во зимскиот период е уште попроблематичен, велат родителите.

На лошиот пат се жалат и таксистите кои секој ден возат патници до Детската болница.

Еден родител објаснува дека е загрижувачки тоа што децата се носат на преглед по пат со дупки. Додаваат дека ниту таксистите не сакат да возат  поради лошиот пат.

Во Институтот за белодробни заболувања – Козле, дневно се прегледуваат околу 100 деца од цела Македонија. Болницата е изградена пред четири години, а патот долг околу 500 метри, се уште е во ваква состојба. Градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев вети дека до јуни калдрмата ќе се отстрани и дека патот ќе биде посипан со асфалт. Според него, изградбата на патот ќе биде во соработка со Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“. Денеска градоначалникот на Карпош, имаше набиена агенда и не можеше да ни одговори до кога патот ќе биде саниран.

РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни