Националниот натпревар на ученички компании ќе се одржи утре во едукативниот центар М6 во Скопје, во организација на Џуниор Ачивмент Македонија. Настанот ќе трае еден ден и ќе собере средношколци од целата држава кои ќе ги претстават своите бизнис-иницијативи и претприемачки идеи.
„На натпреварот ќе учествуваат повеќе од 70 ученици распределени во 15 ученички компании, од 12 средни училишта од Берово, Битола, Богданци, Велес, Прилеп, Скопје и Струмица. Во рамките на настанот учениците предводени од одговорниот наставник имаат можност да презентираат што сработиле во текот на учебната година на штандови. Брендирани со свој штанд, име и лого на компанијата, секоја ученичка компанија ќе се обиде да ја импресионира жири комисијата со својата бизнис идеја и да се натпреварува за учество на европски натпревар кој се организира во мрежата на Џуниор Ачивмент“, наведено е во соопштението.
Како што соопштија од организацијата, главната цел на оваа програма е да им се овозможи на младите луѓе практично искуство во водење бизнис, развој на финансиска писменост, подобрување на вештини за работа и поттикнување на претприемнички дух.
„Преку тимска работа и дружење, учениците се стекнуваат со знаења и вештини кои ќе им помогнат во нивниот личен и професионален развој. Натпреварот е поддржан од Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија и приватни бизниси, а се реализира од организацијата Џуниор Ачивмент Македонија – член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide, основана 1919 година, денес присутна во повеќе од 120 земји. Оваа мрежа ги спроведува програмите за претприемничко образование и финансиска писменост, кои секоја година ги посетуваат повеќе од 10 милиони луѓе. Џуниор Ачивмент Македонија веќе 7 години организира ваков тип натпревари како и голем број обуки и работилници посветени на претприемничкото образование, финансиска писменост и подготвеност на младите за работа“, се додава во соопштението.