Македонија

Над 20.000 волонтери ќе ја чистат Македонија на 9, 10 и 11 мај

Над 20.000 волонтери ќе ја чистат Македонија на 9, 10 и 11 мај

По петти пат, Македонија ќе биде домаќин на најголемата волонтерска еко-акција Генералка викенд, што ќе се одржи на 9, 10 и 11 мај. Акцијата, организирана од Мен енд Маунтен, се спроведува со поддршка од ЗЕЛС, Црвениот крст, Министерството за животна средина, како и бројни други институции и организации.

На повеќе од 500 локации низ сите општини, над 20.000 волонтери ќе го дадат својот придонес за почиста и поздрава животна средина. Ќе се вклучат над 600 организации, институции, училишта, компании, пензионерски и граѓански здруженија, јавни институции, локални заедници и национални паркови.

Официјалниот старт ќе биде означен на Скопскиот Аквадукт на 9 мај во 9 часот, каде повеќе од 200 волонтери ќе ја исчистат околината на овој значаен културно-историски локалитет.

Во партнерство со Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, акцијата годинава првпат се проширува и во училиштата преку едукативниот проект „Еко час“. Учениците ќе имаат задача три дена по ред да се вклучат во еколошки активности:

9 мај – чистење на училиштата со наставниците,

10 мај – чистење на домовите и околината со семејствата,

11 мај – чистење паркови и излетнички места.

Секој тим ќе треба да документира фотографски и да ги презентира резултатите на првиот нареден час.

Акцијата не завршува тука. Врз основа на 10-годишниот меморандум со Министерството за земјоделство и Национални шуми, во ноември се одржува втората фаза – Сончeва гора, посветена на пошумување. За секои 10 килограми собран отпад, се засадува едно дрво. Досега се засадени над 120.000 садници на повеќе локации низ земјата.

Во изминатите четири години:

Собрани се над 1 милион килограми отпад,

Вклучени се повеќе од 44.000 волонтери,

Исчистени се над 1000 локации,

Засадени се над 120.000 дрвја.

Генералка викенд стана симбол на колективна еко-свест и граѓанска одговорност. Овој уникатен настан, не само во Македонија, туку и на Западен Балкан, испраќа моќна порака: загадувањето е заеднички непријател, а решението лежи во заедничка акција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни