Министерството за внатрешни работи информира дека денеска во Скопје ќе има посебен режим на сообраќај на повеќе локации, поради одржување атлетска трка, хуманитарна трка и меѓународен ракометен натпревар.
Поради одржување на атлетската улична трка, од 07:30 до 10:30 часот, сообраќајот во општина Аеродром ќе биде пренасочуван. Трасата на движење ги опфаќа следните делови:
- бул. „Јане Сандански“ (десна лента, насока исток-запад) – од крстосницата со бул. „Србија“ и бул. „Видео Смилевски Бато“ до крстосницата со ул. „Владимир Комаров“;
- ул. „Васко Карангелевски“ – во двете насоки, од крстосницата со бул. „Јане Сандански“ до крстосницата со бул. „АСНОМ“;
- бул. „АСНОМ“ (десна лента, насока исток-запад) – од крстосницата со бул. „Киро Глигоров“ и бул. „Србија“ до крстосницата со ул. „Васко Карангелевски“.
Истовремено, од 10:00 часот, поради хуманитарната трка „Сите за Кочани – трчаме заедно“, ќе има посебен сообраќаен режим на патот од долниот паркинг на Средно Водно до манастирот Св. Пантелејмон и обратно, по регионалниот пат Р2138.
Навечер, со почеток во 20:30 часот, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се одржи меѓународен ракометен натпревар меѓу РК Алкалоид од Македонија и РК АЕК од Грција. И во овој дел од градот ќе бидат воведени привремени мерки на сообраќај.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници и да избегнуваат паркирање во околината на спортскиот центар за време на натпреварот, доколку немаат неопходна потреба.